social image

Нашето училиште

Мисија:

Пријатна и безбедна средина во која со посветеност и тимска работа се овозможува учениците целосно да го развијат сопствениот потенцијал и непречено да се вклучат во општествениот живот.

„Љубовта и посветеноста се мотив за напредок.“

Визија:

Училиште во кое се јакне самодовербата и одговорноста и сите постигнувања заеднички се прославуваат.

„Колку повеќе знам, толку повеќе се осмелувам“

Нашето мото: Сакам, умеам, можам!

Историјат на училиштето


Четириесетипетгодишната работа на институцијата која денес се вика Државно средно училиште за рехабилитација и образование „Св.Наум Охридски”, заслужува посебен осврт.

Во незапирливиот развој, ДСУ „Св.Наум Охридски” трпи неколку промени на сопствениот статус и назив и континуирано го гради својот углед на успешна воспитно-образовна институција достојна за почит.

Хронолошки, постоењето и работата на ДСУ „Св. Наум Охридски” се дели на два периоди: од основањето до 1982 година и од 1982 година до денес. Училиштето официјално започна со работа во далечната 1966 година како Центар за професионална рехабилитација на инвалидизирани лица – Скопје. До 1970 година, наставата се одвивала во помошни монтажни бараки, но потоа е изграден постојниот објект со ученички дом и модерно опремени работилници. По оваа година, на стручно оспособување започнаа да се примаат и ученици со посебни образовни потреби.

Со промените во Законот за пензиско и инвалидско осигурување и Законот за средно образование, престанува да важи Правилникот за стручно оспособување на инвалиди по пат на професионална рехабилитација, поради што од учебната 1982/83 година Центарот е верифициран како училиште за стручно оспособување на ученици со посебни образовни потреби под називот Центар за рехабилитација и образование „Македонија” – Скопје.


 

Од 01.01.1994 година Центарот е преименуван во Центар за рехабилитација и образование „Св.Наум Охридски” – Скопје, кое име го носи до денес.

Од 2008 годинa во склоп на училиштето функционира една дисперзирана паралелка во Битола, од учебна 2014/2015 година две, а од учебната 2015/2016 година веќе функционираат три паралелки сместени во СОУ„Таки Даскало“- Битола.

Погледни ја личната карта на училиштето 

Училиштето денес

ДСУ за рехабилитација и образование „Св.Наум Охридски“ нуди можност за стручно и работно оспособување и образование за ученици со посебни образовни потреби. Овие ученици по завршувањето на основното образование можат образовно да се надоградуваат согласно индивидуалниот развој и специфичноста на нивните можности, способности и желби. Во училиштето денес работат наставници, воспитувачи и стручни работници кои со својата стручност и посветеност кон наставниот позив, постигнуваат проширување на знаењата и зајакнување на културните, хигиенските и карактерните навики и особини на учениците, а со тоа одговараат и на поставените воспитно-образовни задачи и барања во училиштето.

 

Постојат 6 струки, кои се поделени во 9 образовни профили.
По завршувањето на средното образование, учениците се стекнуваат со Уверение за стручно оспособување.


Наставата во училиштето се одржува во модерни и технички оспособени училници за едукација преку теоретска и практична настава. Во училиштето и ученичкиот дом се реализираат многубројни секции.